Српскиот весник „Блиц“, кој силно ја поддржува западната, украинска страна во конфликтот со Русија, обвинува дека српските власти подготвуваат голема пропагандна кампања чија цел е да ги подели и раскара „про-западните“ медиуми во земјата.
Според весникот, планот е да се шират лажни вести и дезинформации во про-западните медиуми со цел тие да се свртат едни против други. Се работи за проект на министерот за технолошки развој Ненад Поповиќ, образуван во Русија со сериозни бизнис интереси во земјата и низ светот. „Блиц“ тврди дека Поповиќ подолго време ангажира новинари, за мали суми пари, да пишуваат анализи кои воопшто не ги користи, туку едноствано плаќа за да ги држи новинарите под свое влијание, со цел да ги употреби подоцна. Тој момент, предупредува „Блиц“, е дојден сега, со почетокот на војната во Украина.
Личност од кабинетот на Поповиќ со години на новинари и уредници им нуди по 200-300 евра за текстови, со што создава мрежа на соработници и контакти. Тие потоа се користат за пишување нарачани текстови. Русија планира да ги искористи честите судири меѓу разните медиумиски групи, кои доаѓаат од нетрпеливоста на медиумските магнати, со цел да предизвика конфликт меѓу про-западните, па по потреба и про-руските медиуми. Таа сака да сврти локални истражувачки портали, како БИРН, едни против други, против други про-западни медиуми како што е Блиц, предупредува весникот.