Поранешниот министер за финансии Борис Стојменов прозборе за периодот на приватизацијата и транзицијата во 1990-ите години. Во Фејсбук коментар, кој треба да биде дел од негов серијал на оваа тема, Стојменов вели дека бил изненаден како, за носители на овој процес, за растурањето на социјализмот, се јавиле токму некогашните градители на социјализмот како што е Киро Глигоров.
Во врска со донесувањето на новиот Закон за приватизација, за мене големо изненадување беа главните носители Киро Глигоров и Стојан Андов. Во еден разговор што на мое барање го одржав со Киро Глигоров, го прашав како тој како револуционер и творец на социјализмот во 1945 година, како човек кој го создал социјализмот и во истиот вршел највисоки државни функции сега се јавува како борец за укинување на социјализмот. Тој ми одговори дека сега тој не одлучува, туку одлучуваат условите без чија примена тешко може да создадеме нова држава. Методот на приватизација што го предлагаше не одговараше на неговите изјави. Се разделивме секој со своите ставови, но јас му реков дека сум против Законот за приватизација кои го предлагаат, пишува Стојменов.