Скијачкиот тренер Антонио Ристевски, кој е во Пекинг на Зимските Олимписки Игри како дел од македонската делегација, револтирано информираше дека му се заканува да остане без работа во Скијачката федерација поради „отсуство од работа“. Ристевски вели дека се работи за обид на директорот на федерацијата Огњан Циговски да го отпушти.
Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ само г-дин Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие. Цел овој период и живеев со целиот тој стрес секој ден во ИНТЕРЕС НА МАКЕДОНСКИТЕ СКИЈАЧИ И МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ, пред се поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022, вели Ристевски и додава дека „целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентациите во Скијачката Федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот.
Тој го сподели писмото што го добил од Циговски со јавноста. Во него стои дека треба да го информира Циговски за „причините за вашето отсуство (од работа) до петок, 11 февруари 2022“.
Ристевски потенцира дека е „најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера од повеќе од 20 години“ но ете, „доживеав да се правдам за тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати поради кои заедно допатувавме во Пекинг“.