Веќе четири дена планинското село Герман во општина Ранковце е отсечено од светот поради високите наноси на снег. Патот кон селото е затрупат со 70-ина сантиметри снег и екипите на Македонија пат не успеваат да го пробијат.
Герман се наоѓа во близина на границата со Србија и е поврзано со тесен планински пат. Екипите успеале да се пробијат до селото П’клиште, и се обидуваат во текот на денот конечно да стигнат и до Герман.
Станува збор за специфична конфигурација на теренот, деновиве интензивно, и по десетина часа се работеше активно за расчистување на овој регионален пат, но соспите што ги навева силниот ветер наместа надминуваат и метар и половина, така што нашите вработени прават натчовечки напори за пробивање на патот и очекуваме, ако времето ни биде наклонето, патот да се расчисти. Години наназад наидуваме на ист проблем и свесни сме дека не можеме ништо против природата, така што, правиме се што е во наша моќ и работиме согласно состојбата на теренот, информираат од ЈП Македонија пат.
Жителите на Герман велат дека веќе се јавуват потреби од лекови и храна. Петнаесетте деца кои учат во основно училиште „Христијан Тодоровски – Карпош”, три дена следеа онлајн настава.