Вицепремиерот за ЕУ интеграции Бојан Маричиќ најавува дека во Фрација има интерес да се надмине спорот меѓу Македонија и Бугарија, и тоа лично од претседателот Макрон. Маричиќ беше во посета на Париз и во заедничка посета на Брисел со премиерот Ковачевски, во време кога Франција го држи претседателството со Европската Унија, но се наоѓа и пред претседателски и парламентарни избори, кои ја преокупираат државата.
Мислам дека јасно им ја претставивме сликата за тоа кои се новите моменти од разговорите со Бугарија. Дознавме и дека министерот Бон бил во посета на Софија и е прилично информиран. Едноставно кажано, француското претседателство е заинтересирано за нашиот случај и нашите отворени прашања, впрочем и во самите приоритети е ставено отворањето на преговори со Македонија и со Албанија. И сметаме дека и претседателот Макрон лично меѓутоа и целата негова влада и неговиот тим можат многу да помогнат. Ние имавме одлично искуство и со германското претседателство и со португалското, и сметаме дека ако таа традиција продолжи, а на тоа и бевме уверени на средбите во Париз, ќе можеме да очекуваме успех и во рамките на француското претседателство, изјави Маричиќ во разговор со 360 Степени.
Маричиќ ја уверува јавноста дека и во Брисел европските водачи се ангажирани на спорот кој ги блокира ЕУ перспективите на Македонија.
Впечатокот од сите овие средби е крајно позитивен, ги претставивме нашите приоритети, повторивме дека остануваме посветени и на реформите и на дијалогот со Бугарија, сметајќи го како многу важен. Ги претставивме сите активности во последните две-три недели од новата динамика, новата енергија и новите можности. И она што нè радува е дека видовме едно високо ниво на заинтересираност од сите институции коишто ги посетивме, рече Маричиќ.
Сепак, по искуството од минатите години, во кои првин токму Франција и Макрон, а потоа Бугарија, ја блокираа Македонија, Маричиќ рече дека не може да предвидува кога ова најново вето може да биде тргнато. „Ние повеќе пати сме кажале дека не би сакале јавно да дискутираме рокови ниту пак јавно да се обврзуваме на рокови затоа што тоа за жал до сега не ни донесе успех во разговорите. Дека има волја што побрзо тоа да биде тоа е видливо. Нам ни е важно суштински во овој процес да постигнеме успех и резултати. Не ни е во интерес да губиме понатаму време, не би оперирале со рокови, затоа што ако почнеме да оперираме со рокови само ќе ги броиме деновите, а нема да гледаме што треба да се направи“, рече тој.