Гигантот Фејсбук сериозно инвестира во својот виртуелен Метаверс – компјутерски универзум во кој корисниците ќе можат да се запознаваат, дружат, работат и забавуваат. Сопственикот на Фејсбук Марк Закерберг очекува ова да биде револуционерен нов вид на социјална мрежа, кој можеби ќе почне и целосно да ја заменува реалноста. Рекламите за Метаверсот претставуваат насмеани цртани аватари кои уживаат во свет без ограничувања и проблеми. Славни и познати личности веќе трошат стотици илјади долари да закупат виртуелен простор во Метаверсот, за кој се очекува да има и огромен бизнис потенцијал.
Но, веќе почнаа да се јавуваат првите проблеми. Британката Нина Џејн Пател (43) соопшти дека била сексуално нападната во виртуелниот свет.
Ми се случи ужасно искуство. Се стана така бргу, немав време дури ни да размислам како да се заштитам, изјави таа во текст објавен на платформата Медиум.
Инцидентот се случил во декември, но јавноста дури сега дознава за него. Жената била малтретирана од други корисници, кои виртуелно ја грабале Британката. Платформата има опција со која корисниците можат да ги блокираат другите корисници кои се однесуваат недолично, но Пател вели дека немала време да ја искористи можноста.
Жалиме за тоа што се случило. Сакаме сите наши корисници да имаат позитивно искуство, и имаме лесно достапни безбедносни мерки кои можат да помогнат во вакви ситуации, изјави портпаролот на Мета – Фејсбук Џо Озборн.