Владата вчера вечер соопшти дека постигнала договор меѓу синдикатите и здруженијата на работодавците да се зголеми минималната плата на 18,000 денари. Премиерот Димитар Ковачевски триумфално ја најави одлуката на своите социјални мрежи. Со ова се отстранува заканата од штрајк на синдикатите, кои најавија блокирање на улици и компании оваа недела доколку нема договор.
Дијалогот е вистинскиот и единствен начин за изнаоѓање одржливи решенија. pic.twitter.com/1KJeej2lLk
— Dimitar Kovachevski (@DKovachevski) February 7, 2022
Министерот за економија Крешник Бектешки појасни дека одлуката ќе важи од март, а до крајот на мандатот на оваа Влада, минималната плата ќе надмине 20,000 денари. Владата се согласила до крајот на 2022 година да ја покрива разликата меѓу минималната плата за која се согласиле работодавците и договорените 18,000 денари од државниот буџет, рече Бектеши. Договорот предвидува и идни автоматски зголемувања на минималната плата, која нема да може да биде помала од 57 проценти од средната плата.