Секоја година финалето на американската фудбалска лига – популарниот Супербоул – е можност за големите компании да се натпреваруваат во тоа кој ќе извади поинтересна реклама. Цените достигнуваат по 6 милиони долари за емитување на реклама од само 30 секунди, во кои честопати се појавуваат најголемите американски ѕвезди.
Главни теми на рекламите, на кој ќе се соочат Лос Анџелес Ремс и Синсинати Бенгалс, оваа година се крипто валутите и електричните автомобили. Мајк Маерс ја репризира улогата на Доктор Зло од филмовите Остин Пауерс во реклама на автомобилската компанија Џенерал Моторс. Овојпат неговата цел не е да го уништи светот, туку да го спаси, со производство на електрични автомобили.
И компанијата БМВ ја посвети Супербоул рекламата на електричните автомобили, со Терминаторот Арнолд Шварценегер во улога на богот Зевс како промотор на електричните возила.
Нисан исто така излезе со реклама за електрични возила, во која Јуџин Леви, познат како смотаниот татко од филмовите Американска Пита, се претвора во акциска ѕвезда кога ќе седне зад воланот на електричен Нисан Лиф.
Неколку забележителни реклами беа посветени на крипто валутите. Во една од нив, И-Трејд прикажа астронаут на кој веќе му е здодеано од летови до месечината, но не може да си дозволи да се пензионира затоа што не купил крипто на време.
Миленичката на публиката Зендаја е ѕвездата на рекламата на компанијата Скверспејс, како неуспешна продавачка на школки чиј бизнис станува екстремно успешен откако ќе почне да се рекламира на интернет.
Снуп Дог и Марта Стујарт ги здружија силите во реклама за запалките на компанијата Бик, во која шегата секако беше користењето марихуана.
Компанијата за пиво Бадвајзер го ангажираше Гај Фиери – Градоначалникот на Вкусот – во реклама инспирирана од филмовите Хангер Гејмс.