Радмила Шекеринска, која со децении гради кариера на промовирање на ЕУ, изрази разбирање зошто толку многу Македонци се разочарани од Унијата.
Јас имам повеќе разбирање заради тоа што ги споредувам некои тенденции и во други држави. Не само Македонците, иако се согласувам повеќе Македонците, но генерално македонските граѓани, би рекла и со право, се чувствуваат по малку изневерени во очекувањата кои тие не си ги создале самите. Ние некогаш сами сме си создавале очекувања, меѓутоа еден дел од нашите очекувања биле насадени на здрава почва. Кога ги добивавме изјавите, ако на реформски план имате резултати, доколку го решите проблемот со Грција, направите тоа, тоа, тоа, Европската Унија ги почнува преговорите. Ние тоа го направивме. За нас Балканците се вели дека не може да ни се верува на зборот. Ние останавме на зборот. Европската Унија тој поширок пакет не го испорача. И секогаш кога се случуваат такви, па, изневерени очекувања, иако не треба да има место во политиката за емоции и душевни состојби, политиката меѓу другото е и прашање на емоции. Јас не се чудам, без разлика што тој тип на емоции не ни помагаат, вели Шекеринска.
Како решение за оваа состојба на растечко незадоволство во Македонија, Шекеринска препорачува Владата да бара од ЕУ да се отворат европските фондови кои Македонија би го добила како членка.