Еден ден откако премиерот Ковачевски се пофали дека под негово раководство, стапката на невработеност паднала на скоро 15 проценти, ВМРО-ДПМНЕ одговори со опсежна анализа која покажува дека намалувањето во целост се должи на исселување на граѓаните или повлекување од пазарот на трудот по други основи.
Најновите податоци од Анкетата на работна сила на Државниот завод за статистика кои се заклучно со последниот квартал на 2021 година покажуваат на исклучително негативни движења на пазарот на труд од почетокот на кризата со КОВИД-19. Тврдењата на Владата дека се намалува стапката на невработеност заради успешните политики е изместена вистина или пак чисто непознавање на состојбите на пазарот на труд. Стапката на невработеностсе намалува зошто невработените се префрлаат во неактивни, односно стануваат демотивирани да бараат работа, се иселуваат или пак некои од нив го загубија својот живот заради пандемијата со КОВИД-19, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија посочува дека за прв пат во историјата е забележано намалување на работоспособното население (лица на возраст од 15 до 79 години) за 3,373 лица од првиот квартал на 2020 година до последниот квартал на 2021 година. „Притоа, од почетокот на пандемијата имаме значајно намалување на активното население (збир од вработени и невработени лица), но затоа бројот на неактивните лица значајно се зголемува. Активното население се намалува за 30.251 лица, при намалување на бројот на вработените за 15.830 и на невработенитеза 14.421. Остатокот од вкупното работоспособно население се неактивните лица чиј број е зголем за 26.878, што покажува дека лицата кои останале без работа и кои биле невработени и пред кризата, сите се префрлаат во неактивни односно не бараат работа. Затоа стапката на активност од 57,4% во првиот квартал на 2020 година се сведе на 55,7% во последниот квартал на 2021 година, додека стапката на невработеност од 16,2% на 15,2%“, велат од партијата.
Според нив, ова е вистинската причина за намалувањето на стапката на невработеност. „Бројот на невработени во првиот квартал на 2020 година изнесувал 156,627, додека во последниот квартал на 2021 година 142.206, што е намалување за 9,2%. Но во исто време, бројот на вработените во приватниот сектор се намалил за дури 27.996 лица, додека бројот на вработени во субјекти со друга сопственост е зголемен 12.166 лица. Ова покажува дека во Македонија воопшто не се отвораат нови работни места, односно ако се отвораат, тоа е во државниот сектор.
Но се намалува бројот на лица кои се регистрирани како активно вработени или баратели на работа, од 967,733 на 937.482 лица, што е намалување за 3,1%, и укажува на интензивно исселување и на стапката на смртност.