Владата денес донесе одлука за преземање на мерка за финансиска поддршка која ќе им ја надомести разликата на цената на енергенси за топлинската енергија на снабдувачите со топлинска енергија за да се елиминира можноста разликата на цените да падне на товар на потрошувачите на топлинска енергија од категоријата домаќинства.
Ова значи дека Владата ќе ги покрие значително повисоките цени за парно греење, поради скокот на цената на природниот гас кој во целост го увезуваме од Русија. Цените веќе се зголемени за 15 проценти, а се очекува да растат и понатаму, со влошување на кризата во источна Европа.
Владата се повикува на уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазар на топлинска енергија. „Согласно оваа мерка, нема да има промени на сметките за топлинска енергија за домаќинствата“, соопшти Владата.
Претходната одлука, управувањето со топлинската компанија БЕГ да се стави под контрола на Електрани на Северна Македонија, со што државата веќе практично дава субвенции за Скопјани кои се греат на парно, предизвика реакции во другите делови на земјата, каде граѓаните посочуваат дека и тие имаат високи сметки за греење, поради поскапата струја или скапото дрво.