Младинскиот културен центар денес соопшти дека го поништува конкурсот за графичко решение по повод нивната 50 годишнина, откако двете првонаградени решенија се покажа дека се фалсификати.
МКЦ првично го избра решението на дизајнерот Милан Димитриев со разиграни човечки фигури над зградата на МКЦ. Но набргу на Твитер беше забележано дека дизајнот е копиран од обичен сајт за бесплатни вектор илустрации. Второрангираниот дизајнер Гоце Велески укажуваше на фалсификатот на Твитер, и набргу потоа МКЦ реши да му ја одземе наградата на Димитриев и да ја додели на Велески.
Но веднаш потоа други твитерџии укажаа дека дизајнот на Велески е многу сличен на минатогодишен дизајн што го користел уругвајски културен центер кој исто така одбележал 50 годишнина. Твитерџиите извадија и снимка на Велески за време на Твитер награди кои се одржувале токму во МКЦ, на која тој, со цел да ги испровоцира присутните, прави нацистички поздрав со раката.
Чекај бе, овој што победил со плагијат на @MKC_Skopje е оној што на твитер награди пред холандскиот амбасадор направи фашистички Зиг Хајл поздрав и тоа баш во салата на МКЦ?
Каков грев упм pic.twitter.com/4Qr5goUZb4— Мајорот (@MajorWinters_) February 12, 2022
Со оглед на ситуацијата и двојбата што произлезе по објавување на прворангираните решенија, а со цел враќање на позитивната енергија и самиот јубилеј, програмскиот колегиум на МКЦ донесе одлука да не направи избор на идејно решение од апликациите и да го поништи конкурсот. Би сакале уште еднаш да се заблагодариме и да им честитаме на сите 51 апликант, да се заблагодариме на комисијата и да ви се заблагодариме на сите вас кои имавте трпение да почекате и формално да ги завршиме процедурите на една јавна установа пред да го пренесеме нашиот став, соопштија од МКЦ.