Ниедна друга држава и нација, од нејзиното основање до денес не била изложена на ваква голгота за да стане членка на семејството на рамноправните. Не постои ниту логика на патот кон членството на слободните, еднаквите на патот кон правдата да бидете обесправени во слободата на самоидентификација, на сопствената култура, јазик и историја… со еден збор – постоење, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во интервју за весникот ВЕЧЕР. Мизрахи во интервјуто зборува за пратеничката функција во Собранието, како и за тоа кои се македонските црвени линии кога се историјата и идентитетот во прашање
Македонија како дел европското семејство, по цена на менување на историјата, постепено губење на идентитетот. Вреди ли жртвата што се прави последниве неколку години?
Да не заборавиме дека Европската Унија претставува политичка и економска заедница. Целта на истата е слобода, безбедност и правда за сите граѓани на земјите членки. Од нејзиното основање до денес ниедна друга држава и нација не била изложена на ваква голгота за да стане членка на семејството на рамноправните. Не постои ниту логика на патот кон членството на слободните, еднаквите на патот кон правдата да бидете обесправени во слободата на самоидентификација, на сопствената култура, јазик и историја… со еден збор – постоење. Ова за мене не е жртва, ниту предмет за трговија за подобра иднина. Постепеното губење на идентитетот, всушност, значи постепено, но сигурно исчезнување на нацијата, не можете да бидете присутни ако сте исчезнати.
Постојано поставуваме некакви црвени линии од наша страна кои треба да гарантираат наша заштита како нација, но колку самите како држава ги почитуваме тие црвени линии?
Во последниве пет години постојано од власта, која ја води државата и нацијата, слушаме за некакви црвени линии. Црвените линии се менуваат во зависност од тоа кој од власта ги образложува во јавноста, па потоа имаме варијабла на колку се црвени, колку се дебели, дали биле црвени во изјавата од 9 часот, а до 11 часот избледеле/исчезнале. Заради сето ова се сомневам во вистинитоста на „црвените линии” на власта и воопшто во нивното постоење.
Од друга страна, пак, народот на оваа држава јасно ги оцртува црвените линии со јасно и гласно НЕ по улиците, социјалните медиуми и последните локални избори. А кога народот вели НЕ, тоа значи ставање точка на сите еуфемизми, криенки, извитоперувања, преговарања, договарања, толкувања, лаги, измислици, измами, рамки, датуми, протоколи… Со непочитување на народното НЕ, очигледно е дека власта не ги рефлектира вредностите, интересите, барањата на народот, па оттука произлегува дека се однесуваат како „окупаторска власт”, која работи исклучиво за туѓ интерес.
Важите за една од најодмерените пратенички кога станува збор за собраниските дискусии. Како еден научник по биохемија се пронајде во македонската политика?
Пратеничката функција не е ни најмалку едноставна. Да се биде пратеник, односно претставник на народот во Собранието значи да се следат и решаваат проблемите и барањата на народот, односно пратеникот е избран за да ја спроведува волјата на народот. Тоа значи дека за донесување на одредена одлука во Собранието треба да имате познавање на проблематиката, предложеното законско решение, законите кои претходат, други законски и подзаконски акти кои го афектираат предложеното решение и се разбира анализа на општествена прифатливост и спроведливост. Во суштина тоа е научнометодолошки пристап, а да не заборавиме дека политиката сама по себе е наука и тоа не смеат да го заборават чинителите во истата.
Лично ни во најлудите соништа не верував дека ќе се занимавам со политика. Но, истовремено мислам дека е и повеќе од јасно колкава е потребата од научна мисла во политиката. Под научна мисла подразбирам аналитика поткрепена со факти и докази и секако мерливи ефекти од истата. Очигледно дека Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој и самиот е научник и универзитетски професор јасно ја согледал потребата од научници на политичката сцена.
Колку научната мисла може да дејствуваат на тоа што деновиве беше договорено со Бугарија?
Интересно прашање. Ако воопшто оваа власт го вреднуваше научното мислење немаше ни да се најдеме во оваа ситуација. Жалосно и трагично е што власта практикува политичка трговија со сопствениот народ, историја, јазик и култура со цел личен или туѓ бенефит, а во целосна спротивност со научните факти.
Небулозно и дегунтантно, а истовремено и неодржливо што воопшто се преговараат и договараат политики надвор од фактите и истите ќе останат општествено неприфатени и неспроведливи.
Јавноста честопати ја критикува и опозицијата, дека е можеби премногу рамнодушна за сето ова што се случува. Впечатокот е дека сте во подолготраен активен собраниски бојкот. Колку е тоа решение во овие клучни моменти за Македонија, со оглед на тоа што вие како пратеници сте избраници на народот?
Опозицијата ги користи сите политички, правни и демократски механизми за спротивставување кон оваа НЕнародна власт. Решението за Македонија се предвремени парламентарни избори и нова власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе стави стоп на сите штетни политики и предавства.
Уште пред повеќе од две години, Вие како пратеничка предупредувавте дека Договорот со Бугарија ќе ја отвори Пандорината кутија со проблеми кои веќе беа надминати?
ДА!!!
Предупредував најгласно и најмногу што можев. НЕдемократските капацитети на НЕнароднава власт како и нивната суета и лажен елитизам, зачинети со нивната желба за трговија со сопствената држава, народ и личен бенефит одбија воопшто да ги земат предвид предупредувањата.
Сепак, сега не можат да кажат дека не знаеле, затоа што е и повеќе од очигледно дека личниот бенефит им бил и тогаш и сега единствениот интерес.