Македонската фудбалска репрезентација одигра одлично прво полувреме против Италија во Палермо, успеа да ги одбие сите италијански напади, а и се закани од неколку контри. На полувремето, резултатот е 0:0! Со ова, нашите надежи за пласман на Светското Првенство во Катар остануваат живи.
Италија секако доминираше во натпреварот и создаде многу повеќе шанси. Македонија на моменти се бранеше со класично италијанско катанаџо, но и успеваше да организира брзи контра напади. Македонската одбрана беше во принцип солидна, и покрај стресот што го предизвика големата грешка на голманот Димитриевски во 30-тата минута, која сепак бргу ја корегираше и заканата по голот беше спречена.
На самиот крај на првото полувреме, Александар Трајковски ја имаше најдобрата шанса, кога по брза контра ја доби топката пред шестнаесетникот, но Донарума го одбрани неговиот шут. Неколку минути пред тоа, Чурлинов самиот собра топка на средината на теренот и истрча пред Донарума, но беше запрен од Флоренци.