Партијата Левица поднесе барање до Министерството за култура за вршење вонреден инспекциски надзор на споменикот на Балистот Џемо Хаса во гостиварско Симница.
Левица смета дека со овој споменик се врши директен упад во антифашистичкиот карактер на државата и идеалите на АСНОМ кои се утврдени со Уставот на Р. Македонија.
-Дополнително, сметаме дека контроверзниот споменик не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки, кои мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат.
Власта за подигнувањето на овој споменик е запознаена уште во 2018 година, но и покрај тоа, од нивна страна не е преземено ништо за утврдување на легалноста на постапката за негово поставување. Со тоа, апсолутно се докажува поданичкиот однос кој СДСМ го има кон својот коалициски партнер, ДУИ.
Бараме министерството по извршениот инспекциски надзор да ја утврди правилно фактичката состојба, да ги преземе сите правни средства кои му стојат на располагање и да ги санкционира противзаконското постапување, а со цел да се спречат во иднина вакви ситуации, се вели во барањето на Левица.