Советот на Народната банка предупредува дека постојат „нагорни ризици од инфлација“.
Олабавениот карактер на монетарната политика се спроведуваше во услови на солидно ниво на девизни резерви, коишто се во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната со последните проекции. Во однос на ценовните движења, беа присутни нагорни ценовни движења во последниот квартал, коишто главно се должат на факторите од страната на понудата. Притоа, во четвртиот квартал од 2021 година, се забележува забрзување на инфлацијата како резултат на движењата кај прехранбената и енергетската компонента и привремените несовпаѓања на понудата и побарувачката, предизвикани од пандемијата… Сепак, имајќи ја предвид неизвесноста и променливоста на факторите коишто делуваат на ценовното ниво, постојат нагорни ризици за инфлацијата, информира Народната банка.
Ова одговара на реакциите во јавноста каде со месеци веќе се предупредува на бргу растечките цени на основните продукти и стратешките производи. По поскапувањето на бензинот, струјата и централното греење, Владата неколку пати интервенираше со одлуки да ги замрзне цените на продукти како млекото, брашното и месото.
Според НБРМ, причината за растечката инфлација е во поширокиот европски и светски пазар, односно „домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната“.
Банката воедно забележува дека растот на цените на продуктите засега не се одразува на потрошувачката: „Согласно со тековната динамика на закрепнување на домашната економија и на пазарот на работна сила, засега не се согледуваат позначителни притисоци од побарувачката врз ценовниот раст. На ова упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, бележи малку поумерена динамика од очекуваната“.