Наспроти серијата сериозни сообраќајни несреќи кои ја зафатија Македонија – да не спомнуваме за автобуските катастрофи кај Ласкарци и Софија – министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес излезе со теза дека под неговиот мандат бројот на сообраќајни несреќи значително се намалил.
Спасовски се обрати на настан за промовирање на систем за снимање на сообраќајот поддржан од САД кога го изнесе тврдењето. Тврдењето доаѓа по две сериозни сообраќајни несреќи со фатални последици во Скопје во кои една од жртвите е 24 годишна девојка од Радовиш.
Гледате колку се подобрени резултатите со тоа што колегите нон стоп се на патиштата и нон стоп се во контрола. Имаме сериозно намалување на бројот на жртви во сообраќајот. 2013 година сме имале 198 жртви, а 2021 сме имале 111 жртви. Тоа е благодарение на посветеноста и на работата, или ако сакате, од моментот кога јас раководам со МВР, од 2016 година до денеска имаме постојан пад на жртвите во сообраќајот, намалување на тешки телесни повреди, сериозни штети, итн. Ова е комплексен проблем, мора и образовниот систем да преземе дел од одговорноста, затоа што сообраќајната култура се стекнува од мали нозе, тврдеше Спасовски.
Во двете големи автобуски несреќи што се случија во неговиот мандат беше утврдено дека едната од компаниите самата вршела технички проверки на своите автобуси, а другата работела со низа нерегуларности и воопшто не требало да и се дозволи да сообраќа со повеќе од нејзините автобуси. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат снимки од Тикток на кои млади возачи се снимаат како дивеат по улиците, честопати возејќи со над 200 километри на час. Полицијата ретко или воопшто не реагира на овие јавно достапни докази за брутално кршење на законите.
Во друг скорешен случај, мајката на Јелена Филиповиќ од Куманово, која загина во сообраќајна несреќа во близината на Скопје, и самата предизвика сообраќајна несреќа во која загина постар Скопјанец. Семејството на Филиповиќ се обиде да организира убиство на возачот во чиј автомобил таа загина, и нејзиниот татко моментално е во притвор, поради обид да нарача платено убиство.