Бугарскиот пратеник Станислав Балабанов на бугарската телевизија БТВ прикажал лист хартија за кој тврди дека е белешка напишана лично од бугарскиот премиер Кирил Петков за тоа како да се укине ветото за да може Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Балабанов, кој е пратеник од партијата на Слави Трифонов, „Има таков народ“, која вчера најави излегување од владината коалиција, рече дека оваа белешка Петков ја напишал додека патувал со воз за Киев на средба со Зеленски на лист од службен тефтер.
Подготвен сум да бидам подложен на детектор за лаги за оваа белешка, а во Бугарија има добри стручњаци за графологија кои можат да докажат дека овој фонт е всушност ракопис на премиерот, рекол Балабанов.
Тој појаснил дека планот на Петков бил прво да го укине ветото, а потоа Македонија да ги исполни бугарските барања.
На прашањето на водителот во емисијата какви се гаранциите дека тоа ќе се случи, Балабанов одговорил дека гаранција е Франција.