Поранешниот претседател на Уставен Суд Трендафил Ивановски за „Слободен печат“ коментирајќи ја работата на собраниската комисија за избори и именувања и потешкотиите околу предлозите на опозицијата и на власта околу предлозите за нови уставни судии, вели дека доколку во следните две до три недели недели во Собранието не се изнајде решение, државата ќе се соочи со уставна криза, а потоа тоа може да доведе и до системска парализа.
– Повеќе од очигледно е дека нема политичка волја ниту кај власта ниту кај опозицијата да се решат работите во Уставниот суд и тој конечно да стане уставен. Во ноември му истекува мандатот на уште еден судија и доколку во наредните недели не се изберат судии од предложените кандидати во Собранието, практично ќе значи дека намаме Уставен суд – вели Ивановски.
Поранешниот уставен судија посочува дека државата веќе се наоѓа во суштинска уставна криза, бидејќи во овие моменти Уставниот суд работи на граница со кворум, со само петмина судии наместо предвидените деветмина.
– Ваквите состојби се резултат на несериозноста најмогу на политичките чинители во земјава. Тука зборам за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДМ но и останатите. Целиот систем но и Уставниот суд е ставен на климави нозе токму поради интересите на политичките партии и нивните калкулации – посочува Ивановски.
Во меѓувреме собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Јовески за уставен судија е предложен од владејачките партии. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер. Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите Саво Климовски, Тодор Витларов, Бранко Секуловски, Воислав Димовски, Весна Јовановска и Родна Живковска.