На брифинг со новинарите, министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека Македонија нема право да ги брани правата на Македонците во Бугарија, поради договорот за пријателство што во 2017 година го потпишаа Зоран Заев и Бојко Борисов.
Со тој договор двете земји се откажаа од заштита на своите малцинства во другата држава, но Бугарија го задржа правото да ги застапува правата и интересите на бугарските државјани кои живеат во Македонија. И Македонија го има истото право, но Бугарија тука може да се повика на над 100,000 пасоши издадени во Македонија, при што барем од нивните носители се политички активни и обвинуваат за дискриминација, додека бројот на носители на македонски пасоши во Бугарија е незначителен.
Декларацијата од 1999 година и Договорот од 2017, каде истиот член е префрлен таму кој гласи – ништо во нашиот Устав нема да се интерпретира како мешање во внатрешните Бугарија по однос на граѓани кои не се наши државјани. А после уставните измени, по Преспа, избришан е членот во кој што државата има обврска да се грижи за македонското националното малцинство, изјави Османи.
Претседателот Пендаровски неодамна се сретна со претставници на Македонците од Бугарија, но и тој, за време на средбата, потенцирал дека поради договорот Заев – Борисов нема право да се меша во внатрешните работи на Бугарија. И покрај тоа, бугарските власти остро реагираа на средбата што ја организираше Пендаровски.
Министерот Османи денес додал дека Македонија не е должна да се грижи за националните малцинства, бидејќи тоа е така регулирано со Декларација и со Преспанскиот договор, а тој не дозволува Македонија да се грижи за Македонците во Бугарија бидејќи немаат македонско државјанство.
Тој воедно побарал од македонските историчари во заедничката историска комисија со Бугарија „да не коментираат историски прашања“. „Сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот што ги дефинира политичките прашања. Замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржиско прашање на нивната работа“, изјави Османи, по најавата на професорот Драги Ѓорѓиев дека работата на комисијата би требало привремено да се замрзне.
Владата се обидува да ги рестартира преговорите со Бугарија проширувајќи ги на области кои не се спорни, како што е инфраструктурата или економијата, но прашањето на историската комисија останува сериозен проблем. Пред неколку месеци, историчарот Ванчо Ѓорѓиев ја напушти комисијата и соопшти дека тоа го прави поради силните притисоци кои ги трпел од дипломати од МНР, кои инсистирале македонските историчари да попуштат и да ги прифатат бугарските барања.