Екс вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров со критики до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека во спорот бил наклонет кон Бугарија и со тоа ги компромитирал предлозите на Германија и Португалија.
Димитров синоќа во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека според него Вархеји имал „една негативна улога за нас, што е неверојатен парадокс, бидејќи по дефиниција, комесарот за проширувањетреба да е нашиот најдобар пријател, рече поранешниот министер за надворешни работи“.
– Имаме комесар кој што помалку да беше вклучен во прашањево, помалку да ни помагаше, веројатно полесно ќе го решевме (проблемот). Можеби ќе беше затворен за време на германското претседателство. Одмагаше затоа што ставаше паралелни предлози со Берлин, различни, кои што беа повеќе на линија кон бугарските позиции, а при тоа неговите предлози немаа поддршка од многу земји-членки. И од најважните и од најголемите. И на тој начин ги компромитираше предлозите на претседателството. Тоа се случи и со Германија, тоа се повтори и со Португалија, рече Димитров.
Тој посочи дека ваквата дипломатија и немањето цврст став околу спорот со соседна Бугарија, во Софија се толкува дека ние се ќе прифатиме.
– Мислам дека сигналите што ги даваме кон Бугарија е дека ветото им работи. И они си викаат ако ние сме доволно тврди и чекаме доволно долго – овие на крај се ќе ни прифатат, рече Димитров.