Во ова време на отворен конфликт меѓу западните земји и Русија, професорот Љубомир Цуцуловски потсетува дека сите реални планови за создавање на Обединета Европа ја вклучувале и Русија. Цуцуловски зборува за предлогот на францускиот водач Де Гол, со кој Русија би добила достојно место во европскиот проект.
ЕВРОПА ОД… Дали францускиот претседател и генерал Шарл де Гол бил луд и не знаел што говори кога се залагал за обединета Европа од Атлантикот, па до Урал? Значи, за обединета Европа во која би била вклучена и Русија. Која, значи, би се протегала (на запад) од пристаништето Кале, па (на исток) до Каспиското Море? Можеби од Кале, па сѐ до Владивосток, на исток? Таа унија, сеедно дали би била изградена со поцврсти или полабави меѓусебни односи, во себе би го интегрирала духот и темпераментот на Скандивската земји, со духот и темпераментот на медитеранските земји и народи. Таа би ја опфаќала шармантноста, луцидноста и културата на Франција, па преку прецизниот, рационален дух на Германецот, би се проникнувала со Русија, со нејзините природни ресурси, како и со недофатливата природа на рускиот дух/душа, која многупати (во исто време) се радува и тагува, која е радосна и тажна, нежна, силна и моќна. Дали, навистина, оваа идеја на Де Гол е само обична лудост, израз на неговата ексцентричност или (сепак) добро промислен став на искусен политичар и антифашистички генерал? Друго е прашањето дали оваа идеја може да се реализира, односно дали ќе ѝ се дозволи некогаш, сеедно кога, да се оствари. Сепак, битно е да се промисли како во тој случај би изгледал светот, вели Цуцуловски.