Денес и утре, целата администрација и правосудството, сите фондови и агенции, нема да работат од 10 до 13 часот. Според Законот за минимална плата, најмал износ што работодавачот може да му го исплати на работникот за полно работно време, почнувајќи од мартовската плата, е 18.000 денари. Некои од вработените во администрацијата, каде што веќе се исплаќа минималната плата, повторно добиле плата од 14.500 денари, каква што добиваа и претходно, кога исто така се кршеше Законот за минималната плата, според кој таа заклучно со февруари изнесуваше 15.194 денари.
Како што тврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деановски, реиси и да нема вработен во администрацијата на кој му е зголемен износот на плата за да го прима актуелниот законски износ за минимална плата. Тој вели дека денес и утре ќе протестираат за да го покажат своето незадоволство.
На 7-ми и 8 април, целата администрација и правосудството, сите фондови и агенции, од 10 до 13 часот нема да работат. Не само што вработените не добија скалесто зголемување на платите, туку еден голем дел од вработените што имаа плата под 18.000 денари, пак добија такви плати. Тоа значи дека државата го крши Законот за минимални плати. Од друга страна, врз основа на тој ист закон, државните инспектори влегуваат во приватни компании и казнуваат. Тоа е делење, како на вработените, така и на работодавачите, изјави за „Слободен печат“ Деановски.
Завчера, пак, на собраниска комисија помина Законот за административни службеници во кој е вметната категоријата минимална плата. „Ние преку амандман се обидовме да го решиме и прашањето на минималната плата во јавниот сектор и прашањето за скалестото зголемување на платите, така што побаравме зголемување на сите плати за 2.806 денари колкав што е растот на минималната плата од 15.194 денари до 18.000 денари, но не ни го усвоија амандманот“, вели Деановски.