Бугарското Министерство за надворешни работи денес упати реакција на зачестените изјави во Македонија во кои се споредува бугарското негирање на македонскиот идентитет со сличните руски негации на Украинците како посебен народ. Овие оценки доаѓаат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од коментатори блиски од владејачката СДСМ.
Според официјална Софија, се работи за „злонамерна кампања против Бугарија чија цел е поттикнување на антибугарско расположение“.
Уште позагрижувачки е што се прават обиди за намерна злоупотреба на трагичните настани во Украина како резултат на руската воена агресија. Сметаме дека таквите цинични сугестии мора категорично да се отфрлат. Никој нема право да ја злоупотребува трагедијата на украинскиот народ на арогантен и непринципиелен начин. Министерството за надворешни работи изразува загриженост за можното негативно влијание на ваквата кампања врз позитивните трендови на политичкиот дијалог во последните месеци, соопшти бугарското МНР.
Во меѓувреме, бугарски политичари и бугарски активисти во Македонија продолжуваат да изнесуваат тези дека Македонците се „измислена нација создадена од Тито“, слично како што рускиот претседател Путин тврди дека Украинците биле „измислени од Коминтерната“.