Бугарскиот премиер Кирил Петков се соочи со тешки прашања за македонското малцинство во Бугарија од новинарот Стивен Сакур од Би-Би-Си. Петков беше прашан за бугарското вето врз Македонија, при што ја обвини Македонија за непочитување на правата на етничките Бугари. Но Сакур ги отфрли аргументите на Петков, и го праша што е со правата на Македонците во Бугарија. Петков одби директно да одговори на прашањето за оваа табу тема во Бугарија.
Имаме проблеми, на пример, да заборавиме на историските прашања за кои сите зборуваат, има и други прашања кои треба да ги решиме. На пример, Бугарите во Северна Македонија се уште немаат законска заштита и права.
Со сета должна почит, но ни етничките Македонци во Бугарија немаат права. Всушност, Европскиот суд за човекови права имал повеќе случаи на таа тема од било што што го претрпеле Бугарите во Македонија. Така да тука сте на многу тенок мраз, му одговори Сакур.
Петков не одговори директно на прашањето за македонското малцинство во Бугарија – негов став досега е да ги игнорира тие прашања. Но, Петков посочи дека премиерот Ковачевски му ветил дека Бугарите ќе бидат изедначени во Македонија со нивните права со другите македонски граѓани и конкретно, со Албанците.
Ние целосно се договоривме дека Бугарите треба да ги имаат законските права кои ги имаат сите други Македонци и Македонците од друго потекло, како што се Албанците. Добро е што имаме разбирање за ова. Прашањето е како да стигнеме до таму.
Сакур потоа посочи дека бугарскиот претседател Румен Радев јавно ја критикува неговата одлука да води преговори со Македонија. „Ќе треба да се спротиставите на многу влијателни луѓе во вашата земја ако сакате да ги нормализирате односите со Македонија.. Дали воопшто сакате Македонија да биде во ЕУ“. На ова Петков одговори директно – „апсолутно, да нема никаков сомнеж во тоа“.