Белата куќа ги повика сите американски државјани кои се наоѓаат во Украина да ја напуштат земјата во следните 24 до 48 часа. Ова драматично предупредување доаѓа откако САД повеќе пати предупредија дека Русија планира инвазија врз Украина, откако украинските власти не ги исполнија руските барања – да се откажат од членство во НАТО и да обезбедат автономија за областите Донетск и Луганск.
Сакаме да бидеме кристално јасни. Секој Американец во Украина треба да замине што е можно поскоро, а најдоцна за 24 до 48 часа. Не можеме да предвидиме што ќе се случи. Но ризикот е доволно висок и заканата е непосредна. Најразумно е да се евакуирате. Ако останете во Украина, преземате ризик без гаранција дека е ви се укаже нова можност да заминете, и без надеж дека САД ќе можат да извршат ваша воена евакуација во случај на руска инвазија, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Џон Саливен.
Саливен додаде дека, доколку дојде до руска инвазија, таа ќе почне со ракетни и авионски напади во кои може да загинат цивили, а потоа ќе следи копнена инвазија без никакво предупредување. „Никој нема да може да смета на сигурен излез“, изјави Саливен.
Според американските прогнози, Русија планира да ја почне инвазијата пред крајот на Олимписките игри во Пекинг.