Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, денес за првпат објави пораки кои наводно ги разменил со Зоран Заев. Од пораките се гледа како Заев координира комуникација меѓу починатиот бизнисмен Жарко Луковски, Боки 13 и неговиот шеф на кабинет Драги Рашковски, кој сега е обвинет за корупција. Јовановски подолго време бараше содржината на неговиот мобилен телефон и пораките кои наводно ги разменил со Заев преку апликацијата ВатсАп да бидат прифатени како доказен материјал во веќе завршениот судски процес Рекет и актуелниот судски процес Меѓународен Сојуз, но судот досега одбиваше да го направи тоа. На крајот на судењето за Рекет, Боки директно го обвини Зоран Заев и неговиот брат Вице дека „парите се кај нив“, а повеќе пати најавуваше дека содржината од неговиот телефон ќе биде „Пандорина кутија“ за Заев.
„Аналогно на содржината од претходните две отворени писма упатени до Заев и Русковска го упатувам ова отворено писмо до погоре наведените лица и до челата општа и стручна јавност, со цел за прикажување и обелоденување на сите незаконски и негативни, а во иштовреме и несанкционирани дејствија шторени од страна на споменатите и други! Напоменувам дека сите наводи во ова писание ги темелам од лични сознанија, сведоштва и податоци кои се наоѓаат во мојот телефон и истите претставуваат апсолутна материјална вистина, за оние кои сакаат да ја видат а надлежните да ја процесираат после сето опишано и изнесено во ова отворено четиво! Во смисла на зајакнување на веродостојноста и кредибилноста на содржината на изнесеното, во прилог на ова отворено писмо ќе објавам материјални докази од остварени комуникации од мојот телефон. Бидејќи одредени навивачки и платени структури после двете објавени писма ја доведуваа во прашање вистинитоста на моите наводи и велеа дека не ја пишувам вистината па еве денеска платениците ќе останат без плата, а вистината ќе добие светлост на денот, бидејќи со изнесување на денешните докази, платениците ќе мораат да си го голтнат јазикот, посочените да одговараат, а надлежните да делуваат или пак и тие еден ден да одговараат заедно со посочените!!!“, пишува Јовановски.
Главно обвинение во отвореното писмо упатено кон Заев е дека Боки 13 го поврзал Заев со бизнисменот Луковски, поранешен извршен директор на Македонски Телекомуникации, за бизнис активности кои не ги посочува конкретно во разменетите пораки.
„Господине Зоране Заев во писмото кое ви го упатив наведов дека јас лично сум ве споил со сега покојниот Жарко Луковски и наведов дека изработивте милионски проекти и дека наплативте милионски провизии во име на коруптивни награди за вас и вашиот Рашковски кои вие лично му го делегиравте на Луковски!!! Ќе се види дека и други ваши соработници го барале Луковски, но вие му велите најдобро со Рашковски!!! Меѓудругото денеска ќе се види кој тргувал со СЈО и на кого му се жалел Луковски за истрага во СЈО, на мене или на тебе Зоране Заев?!?!?“, пишува Боки 13.
Боки денес објави дузина пораки разменети меѓу Луковски и Заев, како и список на повици во кои се гледа дека Луковски комунизирал со Заев, а пораките, по се изледа, ги споделил со Јовановски. Според пораките, чија автентичност се уште не е потврдена од независен извор, се гледа дека Луковски барал средба со Заев, и му напомнувал дека мора да дојде од Белград, каде се лекувал, во Скопје за судски рочишта. „Во четврток ме викаат на распит во СЈО (веројатно за истрагата за Базни станици што ја почнуваат) Па би сакал да се видиме пред тоа ако е можно“ пишува во една од пораките, на што одговорот, наводно од Заев, е: Во среда во 21 часот ве чекам кај мене во владата. Ок ли е?“
Најголем дел од пораките содржат информации, наводно од Луковски, дека стапил во контакт со луѓе од орбитата на Заев како што е Зоран Башановиќ и Владимир Цветковиќ, како и со водечкиот соработник на Заев – Драги Рашковски. „Остваривме средба со Зоран Башаковиќ и Владимир Цветковиќ.. Изразија желба за соработка на проекти од областа на ИТ и Телеком, меѓутоа не стана разговор за ништо конкретно. Рекоа дека ќе разговараат со вас за да добијат авторизација за водење на проектите. Од моја страна сакам само да ве известам за состанокот и да ви кажам се додека не кажете различно јас ќе продолжам да работам на проектите што ги почнавме со Рашковски“, пишува во една од пораките. На тоа одговорот следи „Драго ми е. Продолжете со Рашковски“. Слични се и другите одговори, наводно од Заев, на подолгите објаснувања наводно од Луковски за неговите активности: „Ок. Бидете во координација со Рашковски“, „Со Рашковски најдобро“. „Му кажав јас на Рашковски“.
Луковски почина од мозочен удар во декември 2019 година, откако неколку години беше предмет на истраги и обвинуван за наводни финансиски злоупотреби од страна на Специјалното Јавно Обвинителство и обвинителката Катица Јанева. Луковски беше меѓу помилуваните од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Таткото на Боки 13, Миле Јовановски, во интервју тврдеше дека судските прогони кои ги трпел Луковски му ја влошиле здравствената состојба.
Господине Заев, гледам дека сте на некое зимување во некој скап европски ски центар…. и јас бев друже Зоки на скапо летување пред да ме уапсите, па во таа смисла сакам да ви кажам дека во случајности не верувам, а во карма да!!!
Зоране Заев, ако мислите дека ќе се спасите со молчење и игнорирање на поставените прашања и тези од писмото кое што ви го упатив, ве уверувам дека се лажете!!! Спроведената цензура во медиумите под ваша контрола, кои не смееја ни збор да пренесат од отворените писма, зборува за вашето присутно влијание и владеење и покрај театарската оставка!!!, пишува дополнително Бојан Јовановски во отвореното писмо упатено до Заев.
Меѓу денес објавените пораки е и комуникација наводно меѓу Боки 13 и Љупчо Николовски, веројатно во време кога Николовски беше министер за земјоделие – функција која и денес ја држи, откако во меѓувреме беше именуван за Вицепремиер за борба против корупција и конфликт на интерес. Во пораката, Боки 13, кој во моментов е осомничен за шпекулации со градежно земјиште, го прашува Николовски „за колку време најбрзо може да се направи трансформација на земјоделско во градежно земјиште“. На ова, Николовски одговара дека „ќе изгурам бргу ако ти е битно“.
Првиот земјоделец по заевистичкиот модел вака работел, работи и ќе работи се додека не одговара заедно со неговиот ментор и идол за сите криминали, ова е само еден мал пример, но и повеќе од доволен да се отворат многу прашања и да се превземаат истражни дејствија!!!, обвинува Боки 13 во неговото отворено писмо.
[…] Боки 13 објави дел од преписката со Заев, го обвинува за … […]
Comments are closed.