Бугарскиот ултра-националист Красимир Каракачанов, кој беше водечки фактор во одлуката на бугарската Влада да стави вето за македонските преговори со Европската Унија во 2020 година, се повлекува од лидерската позиција во партијата ВМРО-БНД.
Каракачанов беше потпретседател и министер за одбрана во Владата на Бојко Борисов, и од оваа позиција стана познат со неговите остри ставови против Македонија, инсистирајќи на максималистички барања Македонија да си ја преиспита својата историја и да го редефинира својот национален идентитет. Во еден момент Каракачанов дури најави идно обединување на Македонија со Бугарија, со зборовите „каде што течело, пак ќе тече“, и честопати предупредуваше дека Македонија нема да опстои сама.
Доколку оваа политика беше замислена да му загарантира поддршка на бугарските националистички ориентирани гласачи, исходот беше краен неуспех. Во серијата избори што Бугарија ги одржа во 2021 година, ВМРО-БНД не успеа да освои места во Собранието, и сега е вонпарламентарна партија. Друга националистичка партија Вазраждене на Костадин Костадинов, која произлезе од партијата на Каракачанов, успеа да влезе во Собранието со 13 пратеници.
Каракачанов денес најави дека конгрес на неговата партија ќе се одржи на 12 февруари, а тој нема да се кандидира за лидер. На негово место предлага да застанат дури тројца партиски функционери. Еден од нив ќе биде исто така добро познатиот по неговите анти-македонски ставови Ангел Џамбаски, кој е актуелен бугарски пратеник во Европскиот Парламент. Другите двајца лидери во „триумвиратот“ кој го предлага Каракачанов ќе бидат поранешниот шеф на пратеничката група на партијата Искрен Веселинов и поранешниот пратеник Александар Сиди.
Каракачанов најави дека ќе продолжи да биде активен во партијата, но ќе остави делегатите на Конгресот да решат која ќе биде неговата точна улога.