Партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев ја предупредува јавноста дека Министерството за внатрешни работи, преку своите тајни полициски служби, ги следи сите политички неистомисленици и критичари на отстапките кои Македонија ги прави кон соседите со договорите од Преспа и со бугарскиот договор. Единствена Македонија посочува на изјавата на самиот министер Спасовски, кој рече дека МВР ги обработува противниците на Преспанскиот договор, НАТО и договорот со Бугарија.
Министерот во МВР Оливер Спасовски во гостувањето на ТВ 21 рече дека остава
безбедносните служби на соодветен начин да ги обработат тие кои се против договорот со Бугарија и тоа биле истите структури кои беа против преспанскиот
договор и влезот на Македонија во НАТО. Ова е своевидно признание на Спасовски дека тајната полиција ги следи неистомислениците иако плурализмот е една од темелните вредности на Уставот на Република Македонија. Било која политичка партија во државата може да не ги прифаќа договорите на власта со Грција и Бугарија и било која идна власт може да ги поништи овие договори или да склучува одредени договори со други држави и сето тоа е уставно основано. Затоа, несогласувањето на одредени политички партии, македонски здруженија од земјата и странство и поединци со договорите со Грција и Бугарија со кои се брише се што е македонско, е уставно основано и овие субјекти не можат да бидат под опсеравција на безбедносните служби за што синоќа обелодени Спасовски. Марионетската власт во Скопје уште еднаш го погази Уставот. Очајничкиот обид на власта со противуставно следење и прислушување да ја исклучи алтернативата за поништување на договорите со Грција и Бугарија, нема да успее. Одговорност за кршење на Уставот мора да има, и ќе има.