Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски најави дека ќе има големо незадоволство по објавувањето на резултатите од пописот што се одржа лани, во екот на третиот бран на корона вирусот.
Албанските партии веќе прогнозираат дека нивниот процент од населението ќе скокне од 25 проценти во пописот во 2002 година на 30-35 проценти. Во исто време се шпекулира и дека бројот на Македонците значително ќе падне, во полза на други етнички заедници, меѓу кои и Бугарите.
Симовски потврди дека стравувањата за манипулирање со пописот се оправдани. „Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението“, изјави тој.
Симовски се закануваше со кривични пријави против лицата кои повикуваа на бојкот на пописот, но се смета дека дел од населението во Македонија, и голем процент од македонската дијаспора, ја бојкотираа оваа изнасилена операција. Во исто време, Албанците масовно се попишуваа во дијаспората, а и во Македонија се запишуваа лица кои живеат во странство, а наводно се државјани.
Симовски рече дека резултатот од пописот ќе биде објавен на 30 март, и за тоа планира голема церемонија во новиот објект на Филхармонијата, со гости од земјата и од странство.