Ексраководителката во Агенцијата за вработување, придружник на Христијан Мицкоски во странство, а сега вработена во болницата „Систина“, Слободанка Алексовска, е третата личност чиј глас се слуша на новообјавените аудиоснимки од разговорите меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, и Зоран Милески-Кичеец. „А1он“ се обиде да стапи во контакт со Алексовска за потврда на информацијата, но таа не одговори на нашите повици и на прашањата испратени по СМС. Гласот на Алексовска се слуша во текот на разговорите меѓу Кичеец и Мицкоски како го потврдува веќе кажаното, но и како го дополнува тоа што претходно го кажува Кичеец.
Запрашан дали Алексовска била на средбата од која аудиоматеријал беше објавен на „Јутуб“, Кичеец за „А1он“ ја потврди информацијата.
Од профилот на Мицкоски на „Фејсбук“ може да се види дека Алексовска го придружувала на патување во февруари 2018 година кога неколку дена престојувале во работна посета на САД.
Фотографијата и објавената информација на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ е избришана, но, на неа, и натаму стои нејзината слика, како и името и презимето.
Сега, Слободанка Алексовска работи во „Систина“, каде што, според веб-страницата на болницата, е директор за човечки ресурси. Орце Камчев, пак, е претседател на Одбор на директори во „Систина“. Нејзин сопруг е Оливер Алексовски, ексначалник на Шестата управа при МВР, кој на 24 декември 2012 дал наредба пратениците да се исфрлат од Собранието. Сега и тој работи во „Систина“ на раководна функција поврзана со обезбедувањето на објектите.
Алексовска ѝ е веќе позната на јавноста и по говорот во 2016 година на протестот пред Државната изборна комисија: „Па и Ќосето, и Даме Груев, и Никола Карев, и Гоце Делчев и сите неспомнати војводи живеат во душата на секој од нас. И нивната поборничка крв тече низ нашите вени“.
Алексовска е и поранешен раководител на Центарот за вработување на Град Скопје за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а за неа јавноста во 2017 слушна како трошела службени пари за купување машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напивки од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци. Истата година против Алексовска била поднесена и кривична пријава за кражба на харддиск од Агенцијата за вработување.
Слободанка Алексовска беше и координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски. Таа се појавуваше на партиски прес-конференции каде ги критикуваше политиките на СДСМ.