Во интервју за германскиот весник Велт, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева тврди дека Софија не го негира јазикот и идентитетот на Македонците, туку обратно, тие ги негираат правата на Бугарите.
Северна Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата, лаже дека Бугарија и го негира идентитетот и јазикот, и го слави „мрачниот“ диктатор Тито, обвинува бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германскиот весник Велт, објавено денеска. Апелирајќи да се смират емоциите во двете земји и да се води конструктивна дебата, Захариева вели дека не и јасно како во Северна Македонија можела да се слави 40-годишнината од смртта на „мрачниот“ диктатор Тито. Оттука и Велт го објавува интервјуто со наслов: „Како во Берлин да се слави денот на смртта на Хитлер“.
Прашана зошто нејзината земја го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Захариева дава серија причини, почнувајќи од имплементацијата на Договорот за добрососедство.
„Јавната дебата се врти само околу прашањето на историјата. Договорот им го препушта ова прашање на историчарите. Затоа формиравме историска комисија со експерти од двете страни. Но нејзината работа беше прекината од владата во Скопје пред повеќе од една година, со образложение дека ќе имаат избори. Но Комисијата не смее да биде политички инструментализирана. Во Бугарија во тој период имавме на двапати избори. И јас не можам да си замислам дека на една историска комисија може да и се каже ’престанете со работа’, затоа што имаме избори. Комисијата е независна и не смее да добива насоки од владата. Но историјата не е единствената точка“, вели Захариева.
Повеќе >> dw.com