Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретнал со еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова, придружувана од амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.
На средбата била изразена почит кон постигнувањата на премиерот Заев и на Владата на политички и на реформски план. Констатирано е дека Договорот од Преспа е редок, позитивен пример на градење пријателства, наспроти се уште постоечките политики на радикализам и национализам и дека тоа го вреднува и новиот состав на Европската комисија. Пораката е дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока и дека ќе продолжи активната соработка со ЕК.
На средбата било посебно посветено внимание на владеењето на правото и правната држава. Оценето е дека нашата држава покажа добри резултати во борбата против корупцијата. Заеднички е заклучено дека е потребна трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно европските стандарди и вредности.
-Покажавме неселективна борба против криминалот и корупцијата. Донесовме легислатива за судството со консензус и според европските стандарди. Но, потребна е поефикасна имплементација на законите, што ќе се обезбеди низ можностите за конкурентност, што сега не е случај, поради недоволниот број на судии и јавни обвинители, рекол премиерот Заев.
На состанокот е потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам.
Премиерот Заев рече дека реформите, меѓу кои и во правосудството, се значајни не само поради европските интеграции, туку и поради економијата, којашто во нашата држава бележи раст.
-Економските параметри растат. Продолжуваме со реформите. Продолжуваме со пријателствата. Ни треба охрабрување на проевропските сили во општеството. За Република Северна Македонија е во ред `се што значи отворени перспективи за евроинтеграциите, рече премиерот Заев.