Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски го обелодени предлогот на законот за обвинителство кој го доставиле до владата. Оттаму сметаат дека треба да се задржи стандардниот модел на обвинителство, со шеф предложен од нив, според методологија која ќе гарантира дека тоа ќе биде нивен човек.
„Тоа треба да даде сигурност дека власта нема да избере владино подобен обвинител од типот на Русковска. Опозицијата од оние кои што ќе конкурираат за тоа обвинителство ќе предложи една личност. Доколку тој предлог не помине, постапката се повторува уште еднаш. Доколку теоретски и тој предлог не помине, тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители. Доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција“,– вели Милошоски.
За оваа позиција, вели Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ смета дека освен од обвинителската фела би можеле да бидат номинирани компетенти лица и од академската сфера кои што имаат соодветно искуство во кривично-правната материја, акцентирајќи дека мисли на универзитетски професори.