Додека демократот Џо Бајден, победникот на претседателските избори во САД, добива честитки од целиот свет, голем број светски лидери сè уште не сакаат и не брзаат да ја поздрават победата на идниот американски претседател.
Во денешната анализа, Си-Ен-Ен потсетува дека наклонетоста на Трамп кон авторитарните политички лидери е константа на неговиот претседателски мандат и наведува дека воздржаноста на некои светски лидери всушност ја открива природата на односите што тие ги проектираат кон идната американска администрација и видот на соработката што ја очекуваат.
Во 2016 година, по победата на Трамп над Хилари Клинтон, Кремљ му ја честиташе победата на новоизбраниот американски претседател само неколку часа по објавувањето на изборните резултати.
Денес, претставникот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ќе почека официјално да бидат објавени резултатите од изборите, па дури потоа ќе ги коментира.
Бразилскиот претседател Болсонаро, кого многумина го нарекуваат „Трамп од тропските предели“ поради неговата популистичка политика и негување култ на личноста, засега не ги коментира изборите во САД, а мексиканскиот претседател Обрадор со избрани зборови рече дека Мексико мора да почека да се разјаснат сите правни прашања и дилеми кои го придружуваат процесот на пребројување на гласовите на американските гласачи пред да го честитаат изборот на новиот претседател на Соединетите држави.
Повеќе >> Во Центар