За мојата држава е катастрофално решение ако почнат да се менуваат границите било каде на Балканот, може да има домино ефект. Прва колатерална штета ќе биде Северна Македонија и Босна и Херцеговина, вели претседателот, Стево Пендаровски, во интервју за МИА.
Коментирајќи ги случувањата на Балканот и дали има ризик од дестабилизација, тој вели дека е многу опасно тоа што се заговара меѓу Албанија и Косово.
– Тезите од Приштина и Тирана се според мене многу слични со овие идеи за корекција на граници. Двете работи зборуваат за промена или бришење на границите. Тоа на Балканот по дефиниција е многу опасна работа. Идејата е дека ако немаат европска перспектива треба да се спојат меѓусебно. Европскиот проект контра големите национални проекти. Тоа е многу опасно. Самото зборување за тие идеи покажува дека безбедносната агенда на Балканот е сѐ уште поважна од политичката и интегративната. За овие прашања зборувавме во раните деведесетти и сега жално е после триесет години транзиција да се враќаме на истите работи, за базична безбедност, за граници, и тоа не смее да се случи – вели претседателот.
Во врска со интеграцијата во ЕУ, тој смета дека внатре во државата не постои никаков ризик доколку не добиеме датум за преговори во јуни или јули.
-Албанскиот политички фактор е интегриран и во Владата и во институциите. Ниту албанската ниту македонската опозиција не се надвор од институциите, мое предвидување е дека нема да прават проблеми зашто не сме добиле сега. Опасноста за кочење на Северна Македонија доаѓа од надвор. Има избори во Грција на седми јули, сегашната грчка опозиција има потврди ставови кон Преспанскиот договор, од нивен аспект. Има најави дека ќе го почитуваат договорот, но ќе бидат поригидни во имплементирањето. Може да добиеме потврд став, преведено значи дека можеме да добиеме блокада во ЕУ за некој аспект од Преспанскиот договор. Од изминативе неколку недели веќе се случува едно повидливо присуство на забелешки од Бугарија во однос на договорот со Бугарија. Бараат брзи резултати од комисијата на историчари, сакаат да работи побрзо и да има ефект. Тоа што го спомна Захариева, ќе бараат напредок – вели Пендаровски.
Тој додава дека безбедносни тензии во Македонија нема да има сигурно, но дека политички промени се можни во делот на поддршката на проевропските сили.
-Има писмо на тринаесет земји членки кои заговараат почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, останатите други земји не кажале ништо во однос на тоа, мислам дека во вторава половина се земјите кои не сакаат да се разделат. Холандскиот Парламент исто така гласаше за враќање на визите за државјаните на Албанија, и тоа беше прв знак дека не се спремни да и дадат датум на Албанија сега. Така што второво гласање не е изненадување. Франција и Германија ќе бидат најважни на крајот – посочува тој.