Средбата Мицкоски – Ахмети останува целосно во тајност. Од ВМРО-ДПМНЕ не соопштуваат детали од едночасовната средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ кои се одржала вчера во една од просториите на Собранието, на која се разговарало за можностите за заедничка соработка и формирање ново парламентарно мнозинство. Единствено најавија дека се можни дополнителни средби и разговори.
„Правиме напори да формираме парламентарно мнозинство. Во однос на средбите вчера имаше информација дека имаше средба помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во Собранието на Македонија, но не би можел да навлегувам во детали бидејќи процесите на преговори се уште траат за да не им наштетиме на процесите“, вели Димче Арсовски.
Ништо поконкретно нема ниту од ДУИ. Бујар Османи во изјава за ТВ21 рече дека се обидуваат што поскоро да има договор и да биде формирана Владата.
„Ние државата без влада нема да ја оставиме и без институции. Ќе се обидеме ова да се случи што побрзо за да се формираат институциите. Јас не би зборувал за хипотетички ситуации. Јас сега не можам да зборувам во име на други партии. Можам да зборувам само од име на ДУИ ние сме сериозна политичка партија која победи и ја претставува волјата на Албанците и многу сериозно влегуваме во овие разговори“, додава Бујар Османи.
Ниту од Левица не информираат дали можеби веќе постигнале договор со ВМРО-ДПМНЕ да формираат парламентарно мнозинство заедно со ДУИ, иако пред неколку дена Апасиев во телевизиско интервју најави дека ќе ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ. Претходно во јавноста имаше шпекулации дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе постигнале договор, но набргу потоа, таа беше демантирана од ДУИ.