Ова се прозорците од задната страна на Фондот за пензиско осигурување на кои вработените пушат, пијат кафе и потоа догорчињата и пластичните чаши ги фрлаат или во жардињера, ако погодат, а ако не на земја.
Само неколку чекори од нивните прозорци, на кои секој ден пушат, значи и гледаат натаму, се наоѓа запуштен дрворед со зимзелени дрвја, а таму може да најдете од ремен, панталони до човечки измет.
Оваа невладина, непрофитна и граѓанска дружина ја одликува пред сѐ граѓанска одговорност која сакаат да им ја префрлат како урнек на сите граѓани, кои впрочем го произведуваат ѓубрето и на институциите кои не чистат и се неодговорни во секоја смисла на зборот.
Оваа акција се одвиваше на денот на изборите, па беше отворен и ,,изборен штаб“ . Патем , и си гласаа и чистеа.
Дружината на Прва метла(Ирена Ристиќ) е тивка, работлива, со променлив состав, неколкумина се постојани и редовни на акциите, но често им се приклучува по некој нов. Во неделата имаше нова активистка, студентка на Археологија, тука е Марија, студентка на медицина, Филип и уште неколкумина фанатични екологисти, опптествено одговорни луѓе до коска, брутално искрени и отворени. Доаѓаат , се поздравуваат и се распоредуваат наоколу кој со метла, гребло или друг алат потребен за справување со секакви ситуации.
Ова околу ПИОМ, кажуваат, за нив е ,,ситна риба“. Да знаееш што сѐ имаме видено, ќе ти се слоши, ми велат.
Луѓе поминуваат, ги погледнуваат , и си заминуваат. Ниту збор. Но, има и такви кои воопшто не ги забележуваат. Веројатно мислејќи дека се работи за локални комуналци, кои се разбира овде немаат дојдено со години. Па дури и тоа не ги изненадува. Ако поминете малку понатаму каде што живеат на диво неколку ромски семејства, лево кон населбата и десно под мостот, ќе се шокирате каква нечистотија произведуват и во што живеат. Но, и како тоа веќе никому не пречи. Ниту на тие што поминуваат, или џогираат, или возат велосипед, одат на работа, ниту на тие што живеат наоколу во зградите. А најмалку на локалните власти.
,,Не биди ѓубре“ се граѓански активисти, уникатни по својата дејност, желба и ентузијазам, не само кај нас,туку и во светски рамки.
А еве како беше и што исчистија само од нешто што треба да биде зеленило:
Не е воопшто романтично како што изгледа на нивните фотографии од многубројните акции.
Напротив, прилично е одвратно колку е валкано и колку овој народ живее антицивилизациски и невоспитано.
Пораката е испратена.
До сите неспособни и неодговорни институции, кои наместо да се засрамат и да си ја завршат работата за која се платени, ги игнорираат овие пораки или пак им нудат помош во црни вреќи и реквизите за да им ја завршат нивната работа. Каков апсурд и безобразие!
,,Не биди ѓубре“ продолжуваат да ни делат лекции на сите. До некое следно видување и параѓубреџиска акција.
Извор: ako.mk