Со полициска придружба точно во 18 часот поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска спроведена во затворот Идризово на издржување на четиригодишната казна за случајот “Тенк”. Канал 5 објави снимка од пристигнувањето.
Таа следните 14 дена превентивно поради опасноста од коронавирусот ќе биде сместена во одделението за издвојување на новодојдени лица, а од утре ќе се прават проценките дали има ризик по нејзината безбедност имајќи предвид дека е поранешна министерка, информираше за Канал 5 директорот Ацо Донев.
Јанкулоска во Идризово е спроведена откако пред десет дена Врховниот суд ја одби нејзината жалба по пресудата на Апелациониот суд, но и жалбите на експремиерот Никола Груевси и поранешниот помошник миистер Ѓоко Поповски, со што станаа правосилно осудени.
Ексминистерката досега во неколку наврати го одложуваше одењето зад решетки , прво поради тоа што имаше дете помало од една година, а потоа и поради барањето кое го поднесе до Врховниот суд за вонредно преиспитуавње на пресудата.
Таа е осудена за “злоупотреба на службената положба и овластувања” при набавката на блиндираниот Мерцедес вреден 600 илјади евра.
Против Јанкулоска во скопскиот Кривичен суд се водат уште два предмети, за случајот за масовното прислушување “Таргет-Тврдина” и “Титаник” за изборни нерегуларности.