Кандидатите кои добиле зелено светло на последниот конкурс за пожарникари се служеле со итрини за да го добијат работното место. Четворица етнички Македонци се пишувале како Албанци, а двајца како припадници на други националности – само за да бидат примени.
Дилемата е како овие кандидати успеале да го „прелажат“ филтерот за националност, со оглед на тоа дека во изводите од матична книга на родени со која се аплицира јасно стои графа за етничка припадност.
За скопскиот градоначалник Шилегов, кој ја носи одлуката за прием на пожарникарите, нема спорни елементи. Во кус телефонски разговор за Канал 5 рече дека во прашање бил личниот избор на кандидатите и дека не можел да ги спречи да се декларираат онака како што тие сакаат.
Првиот човек на Противпожарна, Владимир Симоновски, вели дека пожарникарите се уште не стартувале со работа. Должност на институцијата е само да ги спроведе потребните тестови за физичка подготвеност, но не и да ги одобрува апликациите.
„Се уште не се почнати со работа. Немаме ние законско право да одлучиме кој како ќе се пријави и како ќе се декларира. Нашиот дел е физичката подготвеност да ја провериме. Сите кандидати што беа пријавени на конкурсот, сите беа уредно поминати и забележани, самите кандидати си имаат потпишано за своите резултати.“ изјави Владимир Симоновски командант на БППЗ.
За вработувањата се огласи и вицепремиерот Османи. На „Фејсбук“ побара сите кои направиле малверзации на етничка основа да бидат санкционирани.