Во тензична атомосфера започна денеска седницата на Апелација за случајот Диво Насеље. Веднаш откако судијката Цветанка Периќ нотираше присуство, еден од обвинетите Генци Сефа стана и побара една минута молк загинатите во Диво Насеље. Потоа тој заедно со останатите осудени бараа да прочитаат заедничка изјава, но од Судот беа предупредени дека ова не е судење туку јавна седница. По ова следуваа низа навреди и пцости на албански јазик упатени кон судот и кон преведувачката.
– Четири години чекаме да зборуваме. Вие молчете. Сакаме меѓународна истрага, не сме задоволни од адвокатите, една година сме немале комуникација. Ти си избеглица, ние сме автохтони. Ова е Албанија – беа дел од навредите упатени од осудените кон советот на Апелација.
Бидејќи Судот не им дозволи да ја прочитаат изјавата, тие станаа на нозе и почнаа да се бунтуваат по што побараа да ја напуштат седницата а судијката им дозволи бидејќи присуството не е задолжително.
Во заедничката изјава која станаа да ја прочитаат тие бараат од премиерот Зоран Заев да ги изнесе доказите дека овој случај е политички монтиран, дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека во Диво Насеље планот бил да ги убијат на спиење. Наведуваат во телефонски разговор Артан Груби и Али Ахмети дека ги прелажале дека можат да се предадат со посредство на ОБСЕ. Осудените бараат целата снимка од полициската акција да се види, бидејќи тврдат дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај биле убиени откако ѝ се предале на полицијата.
Во заедничката изјава тие бараат да сведочат и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Стојанче Ангелов, Ѓорѓе Иванов, Али Ахмети, Муса Џафери, Бекир Асани, Садула Дураку, Митко Чавков, Ариф Асани заменик директор на УБК, Бесир Дехари, заменик директор на БЈБ и други функционери на ДУИ од бившата власт.
Седницата на Апелација ќе продолжи без нивно присуство денес и утре. Нивните адвокати ќе ги образложат жалбите за пресудите.
Четворица од осудените денеска не беа спроведени од затвор, но дале изјава дека може седницата да се одржи во нивно отсуство.
Надвор од судската зграда безбедноста е на високо ниво. Во судница на роднините и присутните не им беше дозволено да внесуваат метални предмети, телефони и сл., а хеликоптери кружат цело време над судот.
Првостепено осудените 33 лица за крвавата престрелка во кумановското Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година, ги обжалија пресудите на Основниот суд Скопје 1 во Апелација, каде поради обемноста на предметот, термин е закажан и за утре.
Судскиот процес пред првостепениот суд започна на 9 февруари 2016 година, а пресудата Кривичен ја изрече на 2 ноември 2017. Седумина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди.
Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.
извор: плусинфо.мк