Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто потврди дека се среќавал со бегалецот Груевски но не кажа за што зборувале и какви информации добил од Груевски а се корисни за унгарската влада.
„За некој што бил премиер во овој регион 10 години, претпоставувам дека има многу добро сознание и разбирање на регионот и јас не сум овластен да објавам никакви делови од нашите дискусии, меѓутоа можам да ви кажам дека вашиот поранешен премиер исто така многу се залага за вашето пристапување кон ЕУ“
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека на средбата со унгарскиот министер инаку личен пријател на Груевски, воопшто не се разговарало тој да биде испорачан за да ја отслужи две годишната затворска казна.
„Ова е правно прашање кое што ги засега институциите од тие области и тие комуницираат, меѓутоа не сме дозволиле од првиот ден ова прашање да ги оптоварува добрите политички односи помеѓу нас и Унгарија како еден од најголемите поддржувачи на Република Северна Македонија“
Министерството за правда потврди дека барањето за екстрадиција на Никола Груевски како организатор на насилниот 27 – ми април стигнало кај нивните колеги во Унгарија. Дали и како ќе постапи Унгарија, Сијарто не даде одговор. Одлука ќе ја донел Судот.
„Во нашиот правен систем Владата нема ништо со ваквите барања, тоа ќе биде одлука на судот кој е целосно независен од владата“.
извор: новатв.мк