Во Скопје и официјално ќе почне изградбата на нов, брз и одржлив јавен транспорт, откако денеска Министерството за финансии, Градот Скопје и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпишаа Договорот за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз, во износ од 70 милиони евра.
Со новиот транспорт се очекува директно да се намали сообраќајниот метеж, а со тоа и аерозагадувањето во делот на сообраќајот.
Проектот опфаќа воспоставување на две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,80 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден нов терминал.
Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно.
Со иплементација на првата фаза се очекува времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти, да се зголеми фрекфенцијата на автобуси на секои 34 минути на автобуска станица.
Проектот ќе го имплементира Градот Скопје во соработка со Министерството за транспорт и врски.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција по потпишување на договорот, посочи дека со оваа постапка се остварува и унапредува 40 години стариот сон на скопјаните
–Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, истакна Шилегов.
Повеќе >> fokus.mk