Скопскиот градоначалник Петре Шилегов синоќа како гостин во емисијата „Клик Плус“ рече дека управителот на ФК Вардар, Сергеј Самсоненко, треба да го врати најтрофејниот македонски фудбалски клуб под градска управа со нула долгови, односно онака како што му бил доверен пред шест години.
Според Шилегов, Самсоненко преку „Вардар“ должи два милиони евра, а на Град Скопје може да му го врати само со чиста сметка. Рускиот инвеститор официјално соопшти дека се повлекол од клубот, но сепак ситуацијата не е на чисто што ќе следува понатаму со фудбалскиот колектив.
„Во овој момент она што кај го имам како сознание ФК Вардар е должен, односно сопственикот на Вардар е должен над два милиони евра. Секој добар совет како да влезат кој што ќе значи влез на два милиони евра во касата на ФК Вардар јас ќе го прифатам. Вардар може да биде вратен на градот само со нула долгови, онака како што Сергеј Самсоненко го зеде пред шест години“, рече Шилегов како гостин на ТВ21.
Шилегов дебатираше со Владимир Нелоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен фудбалер на „Вардар“.