Шарена револуција имаше смисла поради паролата „нема правда, нема мир”. Желни бевме за правда, очајно баравме да се стави крај на корупцијата, непотизмот и криминалот. За момент ми беше вратена надежта дека инсталациите на режимот длабоко напикани во правосудниот систем ќе бидат минато. Требаше да проработи метлата, тоа ни го ветивте.
Четири години подоцна јасно е дека ниту една суштинска реформа не е направена во правосудството. Ги нашминкавте законите, ги дотеравте за пред странци, ама под фасадата си остана грдосијата. Исто како фасадите на Грујо, однадвор нашминкани, внатре трулеж. Остатоците од режимот ги зачувавте, знаејќи дека ќе ви послужат и вам. Го злоупотребивте СЈО за дневно политички цели и ја пуштивте низ вода цела институција, поради недоветната Катица, кога веќе не ви беа потребни. Сега други послушници ви слугуваат.
И додека ние се потсмеваме на спотовите на ВМРО во очи избори без срам и перде направивте скандалозен избор на кандидати за Академија за судии и јавни обвинители. Непотизмот и партиските врски преовладале. Навистина сте се отвориле како пупка при изборот.
Па така за некоја година право ќе треба да раздаваат:
1. Драган Јосифовски- син на Елизабета Јосифовска, обвинител во фамозното СЈО
2. Бијана Смаќоска-ќерка на Гордана Смаќоска, обвинител во организиран криминал
3. Бијана Иванова-снаа на Цветанка Иванова од СДСМ
4. Зоран Здравев- син на Киро Здравев, Претседател на судски совет
5. Барлет Џафери, син на Талат Џафери
6. Кирил Георгиев- син на Наке Георгиев, судија во Врховен суд
7. Ирина Спасовска-ќерка на Лилјана Спасовска, од јавното обвинителство на РМ, сеуште стои како активен член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители
8. Симона Муцунски Бубевска- сопруга на Тимчо Муцунски. Мора да има баланс, нели? 🙂
Сигурно пропуштив уште некој син, ќерка, роднина, миленик на власта, простете за тоа. На листата има (многу мал процент) и многу квалитетни луѓе, на кои им посакувам успех и се надевам нема да се претопат во масата послушници!
На власта можам само да и порачам дека им дадовме шанса и можеа да променат многу! Можевте ама одлучивте поинаку!
Веќе одамна е јасно дека паролата „Нема правда нема мир“ е бесмислена а на сите ни е јасно како бел ден дека политичарите си купуваат правда, за да имаат мир!