Процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби ќе продолжи, а отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор се пакетите за трансфер на овие вработени во приватен сектор, рече денеска на прес-конференција новиот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.
Ќе се елиминира, укажа, преклопување на надлежности меѓу институциите.
– Ќе има јасен план за спојување и укинување на постоечки институции или за нови институции неопходни согласно процесот за преговори членство во ЕУ. Со оглед на фактот што кај голем дел од институциите е детектирано преклопување на надлежностите бројот на вработени во јавниот сектор ќе се намали – наведе Шаќири.
Тој истакна дека како отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор се пакетите за трансфер во приватниот сектор.
Според него, трансферот на вработени од јавниот во приватен сектор е дел од воведување добра професионална активна и ефикасна реорганизирана администрација. Со редуцирање на работната сила во јавниот сектор, тврди, нема да се оштетат вработените, а бенефит ќе има приватниот сектор каде што има недостиг на вработени.
За планираното распоредување и реорганизација ќе се формираат работни групи составени од професионалци, членови на академската заедница и претставници на Владата.
– Соработката на овој начин на највисоко експертско и политичко ниво е неопходна со цел промените кои ќе ги претрпи јавната администрација да се целосно оправдани на долг рок, поткрепени со силни аргументи и секако во служба на вработените и граѓаните на РСМ. Продолжуваме со професионализација на високите раководни структури преку обезбедување на јавно разграничување меѓу политичко и професонално ниво на администрацијата, согласно стратегијата за реформа на јавната администрација 2018/ 2022 со акциски план и политика за внатрешна контрола на јавниот сектор 2019/2021 и со акциски план – рече Шаќири.
Тоа, појасни, ќе се направи со транспарентни и конкурентни постапки засновани на заслуги за избор и престанок на работа на високите раководители од јавниот сектор.
Одговарајќи на новинарски прашања најави повеќе детали околу намалувањето на бројот на институциите по завршувањето на хоризонталната анализа, а првиот состанок за тоа со ангажираните ескперти е планиран за декември годинава. Откако ќе се анализираат и обработат податоците и ќе бидат консултирани коморите и синдикатите ќе се направи потребното усогласување на законите за административни службеници и за јавен сектор.
Шаќири најавува и воведување на концептот менаџерска отчетност, дефинирање на надлежности на сите нивоа во администрацијата.
Повеќе >> Плус Инфо