За СДСМ се прифатливи сите предлози за министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада, кои денеска ги објави ВМРО ДПМНЕ. Причината е што против нив, немало никакви обвиненија.
Но, од најголемата владејачка партија повторуваат дека не го прифаќаат името на Драган Ковачки како решение за министерското место во внатрешни работи. Како што се изјаснија и вчера, предлогот воено лице да биде прв човек на МВР е во спротивност со членот 97 од Уставот. Затоа, од СДСМ, очекуваат Мицкоски до 2-ри јануари, да излезе со друг кандидат за оваа позиција.
Кои се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ што се прифатливи за СДСМ.
Согласно законот за влада, ВМРО-ДПМНЕ денеска ги објави имињата кои ќе ги предложи за четирите функционерски позиции во техничката влада.
За министерка за труд и социјална политика најголемата опозициска партија ја предлага биохемичарката Рашела Мизрахи. Работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Р. Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, а била и асистент на катедрата за физиологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Скопје.
Интересно е дека Мизрахи, заедно со актуелната министерка за финансии, Нина Ангеловска, била предавач на Школата за млади лидери, чиј покровител беше претседателот Ѓорге Иванов.
За дополнителен заменик-министер за финансии ВМРО-ДПМНЕ ја предлага Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа важи за блиска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Била финансиски директор на ЕЛЕМ додека тој беше на чело на државните електрани (сега ЕСМ). Димитриеска-Кочоска сега работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии.
За дополнителен заменик-министер за земјоделство се предлага Цветан Трипуновски. Тој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а бил директор на Државниот инспекторат за земјоделство и на Државната фитосанитарна лабораторија.
Актуелната пратеничка Невенка Стаменковска-Стојковски е предложена за дополнителна заменик-министерка за информатичко општество и администрација.
Единствен „камен на сопнување“ останува Ковачки.
Иако најавата на СДСМ дека ќе ги гласаат последните четири предлози на Мицкоски за техничката влада е позитивна, тоа засега не ги доближува позициите на власта и опозицијата за армискиот полковник Драган Ковачки. И покрај толкувањата на експертите дека предлогот е спротивен на Уставот, меѓу кои и на советничката на Христијан Мицкоски, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, опозицијата не се повлекува од Ковачки.