КОГА ЌЕ ДОЈДАТ И ПО ВАС…
50 и кусур луѓе меѓу кои и јас, се предмет на потсмев, навреди, омаловажувања, закани. И тоа за ништо, само затоа што сме ангажирани хонорарно и добиваме авторски надоместок, без никаква злоупотреба и кршење на закон, без да направиме никакво зло никому. Но некои од нас се очигледно омилена цел на „критичката“ јавност. Се удира по гласните, за да се затвори устата, а како викаше покојниот другар Роберто, знаете што следи по затворањето на устата.
Хајката ќе продолжи и денес, и утре, и задутре…ќе трае, и нема да престане. И нема никој да се крене во одбрана на плуканите.
На најјако се уклучени не само агит-проп машинериите на левата и десната рака на мвро-вмро, ботови, инфлуенсер(к)и, остатоци од режимски инсталации во медиуми, институции, граѓански сектор…
Откога ќе не изџвакаат нас, гладниве за пари и за времето кога они водеа оро а цело општество молчеше во страв и јадеше ќотек, ќе сакаат уште. Ќе дојдат по вас.
На секој од тие што молчат пред овие насилници денес, ќе му дојде редот утре.
Да не сум им во кожа на тие што живеат со нив.
Да не сум им во кожа на тие што мислат дека со учество во хајките ќе добијат плусче во тефтерчињата на началниците.
Да не сум им во кожа на тие што мислат да го заработуваат нивниот леб со насилство, омраза и шиканирање на луѓе.
Како што тргнало, не е далеку денот кога пак ќе мора да се соочите со нив. И со сето она што го правеа со години, а го прават и сега, ама без заби, додека цело општество им молчи, оти „мисли за утре“.
Утре, кога ќе им пораснат и устите и апетитите, не ме барајте мене.