Бугарски интелектуалци, историчари, јавни личности, политичари и новинари кои не се согласуваат со ветото кон Македонија и политиката на добососедство на својата влада и државниот врв имаат многу подобри и пообразложени укажувања и решенија, отколку што е тоа случај во Македонија. Нивните критики се повеќе потпрени на аргументи, на филозофијата на добрососедство, на европските, на универзалните демократски принципи и на меѓународното право, конечно и најмногу на Договорот потпишан меѓу двете земји пред две и пол години, а помалку на емоции.
Заеднички именител на сите овие јавни реакции е Бугарија веднаш да го повлече ветото и да ја поддржи искрено интеграцијата на Македонија во европското семејство, без никакви уцени и условувања, без принудување на политичко самоубиство на Македонија. Тоа е, велат, од врвен стратегиски интерес за двете соседни држави. Спроведувањето на Договорот за добрососедство од 1 август 2017 година, пишуваат мислечките луѓе на двете страни, мораше да почне од културната, економската, научната, образовна, здравствена и социјална грижа, со изградба на регионална инфраструктура, со непречено движење на луѓе и капитал, со спортска, медиумска, со еден збор сестрана интензивна пријателска соработка меѓу двете земји. А, да заврши пред самиот прием на Македонија во редовно членство во ЕУ, веројатно по десетина години, со заеднички учебници по историја, кои нема да ги учат идните генерации Бугари и Македонци на меѓусебна омраза. Тоа не значи менување на историјата, туку примена на јазик кој е примерен на европските искуства и на односите меѓу двете земји во 21 век.
Македонски манифест во партиска платформа
Во Договорот за доброседство стои дека се работи за формирање на мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на паритетна основа. Ако е мултидисциплинарна комисија на експерти тоа подразбира дека таму не треба да членуваат само историчари, туку докажани научници и од помошните историски науки, кои знаат како да се образуваат учениците без да се сее нетрпеливост и омраза уште од школските клупи на денешните генерации Македонци и Бугари. И, се разбира, како да се одбележуваат заеднички, или одделно, сеедно, историските настани и личности. Само така можат да се надминат спорните историски прашања, откако ќе биде отстранета прво недовербата на граѓаните од двете земји, а уште потешко во сопствената јавност во Македонија и во Бугарија.
Повеќе >> www.dw.com/mk