Покана до новинарот Бранко Героски
Кога мислев (минатата година) да ја направам оваа покана или на некаков начин да одговорам на наводите што новинарот Геровски ги изнесуваше во неговите прикаски за “Рекет”, многу мои партиски другари ме советуваа “да го игнорирам”, “да не му придавам важност”, “да не му ја кревам цената” и сл.
Од перспектива на многу случувања тогаш признавам дека, згрешив што ги послушав. Тоа не значи дека, ако тогаш/сега пишувам ќе ја прифатев/прифатам улогата на неговата Фрики во прикаските (зошто сум човек со име и презиме). Згрешив што не дадов шанса на многу мои деманти и не дадев шанса на неговата новинарска етика и кодекс, да ја слушне и другата страна на прикаската, да ја провери точноста на наводите во прикаските и да ја согледа штетата од операцијата во која учествувал како новинар.
Кој знае, можеби никогаш не е доцна за тоа. Можеби сајбер булингот немаше толку да боли, ако болката беше споделена.
Но, да поминам на поентите кон новинарот.
Со Геровски се познаваме, но не сме другарчиња кои пијат кафе заедно, се брифираат, се советуваат, кројат PR стратегии, таргетираат или сл.
Го познавам и ценам како еден од поискусните новинари кој знаел да пишува и да се служи со алатки малку познати за други новинари. За среќа мојата професија е слична (пишувачка/истражувачка), па можам да препознаммногу интересни алатки не само за информирање, туку и за друг вид операции кои не се само интерес на јавноста, туку и на некои други служби.
Во целост се согласувам дека, треба да се пишува за се, да се истражува и да се обелоденуваат криминални афери за сите, ама за сите. Секој граѓанин и новинар го има тоа право и ја има таа обврска да пишува, да пријавува и секако да не обвинува лажно. Не мора Русковска да не потсетува, нели?
Можеби таков бил првичниот мотив на почитуваниот Геровски кога почна за пишува за рекетирањето, до моменти на други примеси кои (за жал) беа причина тој да добие и други епитети. Ќе се согласи новинарот Геровски дека, кога се пишува за одредена појава или се употребува некој термин прво што треба да направи човек е да отвори лексикон и да го види значењето на зборот, за да не даде неточно значење на појавата за која се пишува.
Не прифаќам навреди, клевети, омаловажувања, насилство или професионална или лична девалвација на никого, а најмалку на возрасен новинар. Затоа, и јавноста и новинарот Геровски и многу други знаат дека, не се приклонив кон ниту едн хајка против него во тоа време, не се расправав по социјални мрежи, не го избришав од ФБ пријатели, не му се обратив со навреда, не му се јавив да не пишува, не пратив никого да го предупреди, не паднав на провокации на ботови и не му спремав ништо што не сакав да ми го спремат/да ми се случува мене, а ми се случуваше. Најважно, не го искористив моето “партиско влијание” во PR службата да договарам напад и одбрана, зошто тоа го можат само партиски влијателните.
Не сакав ниту тогаш, ниту сега, ниту било кога, ниту еден новинар (по Ивона Талевска), лажно да ме обвини дека “се заканувам на новинар”, зошто заканата не е мој стил. Мојот стил е познат и не е моден стил.
Не сакав во иста мера да одговорам и да ги поминам границите на човечката и професионална етика која не обврзува сите нас – за која сите зборуваме, ама забораваме некогаш на неа.
Се сеќавам на една седенка со новинарот Геровски (прва и последна) во 2014 година, во неговото убаво дворче во викендицата. Попатна беше, кога со моите партиски другари се враќавме од партиски активности во Шишево/Глумово/Матка.
Убаво, скромно дворче со зелена рамнинка, маса со столчиња, чадорче, трендафили, приквечерина. Толку памтам за тогаш. Сигурна сум дека новинарот Геровски знае кој му беа гостите тогаш.
Паметам дека, ни подели совети, разговаравме колку е важно да ја вратиме демократијата и слободата на медиумите, како е важно криминалците да одговараат и никогаш да не се повтори режим.
Јас (верувам и новинарот Геровски) уште стојам на тоа и се борам сите мои сили, углед и авторитет, политичко влијание, демократски средства, уз пат со саботажи и последици, и не отстапувам !
Немав и немам намера да се здружам со џелати и со тие против кои се борев, за да ми биде полесно или политички поисплатливо.
Тоа што ми пречело пред 10 години, ми пречи и сега. Некој тоа го нарекува принцип, а јас го именувам како интегритет.
Новинарот Героски знае дека, “нема битки без лузни” и дека, “не можеш да пливаш во вода, а да останеш сув” – алиштата се сушат, но лузните не бледеат.
Кон крајот на минатото лето, кога неговите прикаски за “Рекет” предизвикуваа транс на социјалните мрежи и катализираа партиска византерија, во неколку наврати на порталот “Плусинфо” излезе слика од мене како правам зимница.
Во тоа време ме побара една новинарка од “Плусинфо”, со предлог да дојдат и да направат прилог во стилот “што друго работат политичарите, освен што бистрат политика” со посебен акцент на мојата бавча. Ми дојде интересен предлогот, а истовремено и чуден зошто во рана есен бавчите се берат и се чистат и “нема со што да се пофалам”. Реков “здравје напролет”. Никој не ме побаа повеќе за ваков прилог, а за се друго мноогггууу ретко.
Набргу потоа, новинарот Геровски на многу провокативен и новинарско-неетички начин напиша една колумна во која се чудеше на љубовта помеѓу мажето и женчето, на сликите од градината која морало да ја работат “затвореници од Аушвитц”, за дупнати гуми, секретарки, калови, доцнење на свадби и се на куп.
Сакав и сакам да верувам дека, Геровски не беше/е автор на тој текст, дека тоа се секретарките на некои шефови или некои очајни домаќинки.
Со внимание му ги исчитав сите 17 лекции за уметноста во новинарското пишување, проткаени со лекции за етика и одговорност, но во ниедна лекција не го прпознав тој новинарски стил. Затоа сакам да верувам дека тоа не е новинарот Геровски.
Се согласувам со сите 17 лекции за пишувањето, зошто се дел и од мојата научна работа и важат за секој академски граѓанин и интелектуалец.
На крајот која е поентата на овој повик…. Кога многу работи од минатата година денес имаат своја слика и прилика (крива или права), во интерес на љубопитноста сакам да го поканам новинарот Геровски на возвратна посета во мојот двор, кога сака.
Може да дојде со кого сака. Вратата на мојата домаќинска куќа во село Бардовци е отворена за сите. Ќе испиеме кафе, салата, може и по една жолта, ако пие ракија. Ќе ми ја види бавчата, ќе му дадам расад за јабучар за на викендица, ќе и ги види кокошките и кокошарникот, зајците, кучето, мачето, ежот. И домашни јајца од кокошките ќе му дадам.
Ќе разговараме за минатите заборавени теми од 2014 година, за актуелни теми (ги има многу), ќе ги реотвориме прикаските за “Рекет” ако сака, за невладината, за се што претпоставувал и пишувал.
Можеби ќе дознае повеќе и ќе коригира некои грешки, можеби ќе пополни некој недовршен мозаик, можеби ќе му дадам сложувачки за кои нема да има потреба да користи псевдоними и да се плаши од тужби.
Го уверувам дека, никој нема да го тужи, никој нема да го демантира, да го навредува. Може само да го игнорираат и да се прават дека не го читаст – исто како мене.
Ќе се послужам со речникот на мојата професија дека, проверената и точна информација е вистински куршум, наспроти непроверените прераскажани фрустрации/муабети кои се само ќорци.
Ќе го разочарам само што немам бомби за слушање и раскажување, но имам динамит на хартија – пластичен.
Ако сака може и да објави нешто од тоа, да притисне на институциите како што тој знае, да работат, да не спијат, може да се пофали дека прв дознава, ексклузивно, скандалозно.
Нема да му требаат суфлерки/суфлери и проверки – се е проверено и точно, без измислени ликови. Е добро де, има и такви, ама ги знаеме.
Во стиловите на пишување ниту се мешам, ниту дозволувам да ми се мешаат. Важно е што (точно) ќе се каже, а не како и кога ќе се каже. А обично тоа што не се кажува е најинтересно.
Верувам дека интересот за демократизација и правна држава ни е заедничка цел, и денес кога професорката Ременски е обвинета и кога новинарот Геровски доби и други епитети. Кој знае кај ќе бидеме следната година!?
Затоа, бујрум !
In peace !
Убав викенд.